Ламин Јамал со отворена покана: „Хулијан Алварез, те чекаме во Барселона!“

Додека фокусот на фудбалската јавност е насочена кон Светското првенство во Северна Америка, 18-годишната сензација на Барселона, Ламин Јамал, успеа целосно да го сврти вниманието кон клупскиот трансфер пазар. Од базата на шпанската репрезентација во Чикаго, младиот крилен напаѓач даде две експлозивни интервјуа.
На прашањето кој елитен стрелец би сакал да го види како наследник на Роберт Левандовски, кој неодамна го напушти клубот, Јамал одговори со насмевка: „Не знам, важно е само да дава голови!“, пред конкретно да издвои две звучни имиња: „Многу ми се допаѓа Хулијан Алварез, а секако и Микел Ојарзабал.“
Иако првично се обиде да остане дипломат, нагласувајќи дека неговата улога е на теренот, а не во клупските канцеларии, коментарите на Јамал брзо се претворија во директна порака наменета за аргентинскиот напаѓач на Атлетико Мадрид.
Тој без двоумење му го постели црвениот тепих на Алварез: „Се надевам дека Хулијан ќе ни се придружи во Барса! Ако дојде, ќе го дочекаме со раширени раце. Би пристигнал во најдобриот клуб во светот, во најубавиот град и кај најдобрите навивачи. Да бев на негово место, воопшто не би се мислел.“
И покрај јавното кокетирање со потенцијалното засилување, Јамал побрза да појасни дека не сака да ги премине границите на својата надлежност. Тој потенцираше дека желбите на играчите се едно, но реализацијата на ваков комплексен трансфер зависи исклучиво од раководството на клубот.
„Ова прашање е во рацете на управата, а не во мои. Тоа е работа на Деко и тој одлично си ја брка задачата. Сепак, ако Хулијан сака да дојде, ние го чекаме. Добредојден е во Барселона“, заклучи Јамал. Со оглед на тоа што по заминувањето на Левандовски во МЛС-лигата позицијата „деветка“ остана празна, јавниот благослов од првата ѕвезда на тимот дава дополнителен залет на оваа трансфер сага.