Џентлменски потег на Арис, Нено Димитријевиќ пак ќе игра за Македонија

Кошаркарската федерација на Македонија со особено задоволство ја поздравува официјалната одлука на КК Арис од Солун, со која клубот потврдува дека нема никакви пречки Ненад Димитријевиќ да биде на располагање на македонската репрезентација од 16 август 2026 година и му посакува успех на нашиот национален тим.

Оваа порака претставува значаен гест на спортска коректност и почит кон националните селекции, за што искрено му благодариме на раководството на Арис.

Со ваквиот став на клубот, практично се отстранети сите евентуални дилеми околу клупските обврски на Ненад Димитријевиќ.

Тоа е охрабрувачка вест за македонската кошарка и за сите љубители на спортот кои посакуваат нашата репрезентација да настапи во својот најсилен состав.

Сега вниманието природно се насочува кон претстојниот список на селекторот и кон одлуката на Ненад Димитријевиќ. Искрено веруваме дека тој ќе го прифати повикот и повторно ќе го облече дресот со државниот грб, затоа што секој настап за Македонија е повеќе од спортски предизвик – тоа е чест, гордост и привилегија.

На крајот на август нашата репрезентација ја очекува исклучително важен натпревар на гостински терен против Австрија, со кој започнува новиот претквалификациски циклус. Во вакви моменти, единството и присуството на најдобрите македонски кошаркари имаат огромно значење.