Шкендија Арачиново сензационално го освои Кавадарци

Тимот на Шкендија Арачиново ја оствари првата победа во својата историја во Првата македонска фудбалска лига. Екипата на „црвено-црните“ успеа да освои големи три бода на гостувањето во Кавадарци, кај Тиквеш, тимот кој оствари две убедливи победи на стартот од новата сезона во Првата лига.
Голот вреден победа го постигна Марко Симоновски во 27. минута. Од левата страна Вилдам Керим центрираше, а на 6-7 метри со глава Симоновски го совлада Стевковски за предност на гостите.
Тиквеш веднаш се обиде да израмни, меѓутоа не искористи неколку добри шанси до крајот на мечот. Најсериозната ја имаше Висдом во 78. минута кога излезе сам пред голот на гостите, но ја погоди само пречката. Потоа и Лавал имаше прилика, но неговиот удар го одбрани Столевски.
Жестоко нападнаа кавадарчани да стигнат барем до бод, но се одбранија гостите од Арачиново, и дојдоа до првата победа, и тоа на теренот на досега најдобриот тим од првите две кола во Првата лига.