Силекс со моќна партија против Скопје ги најави високите амбиции

Силекс стигна до вториот триумф во првенството, откако го совлада тимот на Скопје со 3-0 на свој терен во 3. коло во Првата македонска фудбалска лига.
И во првиот дел кратовскиот тим имаше доминација, но недостасуваше реализација, или подобро Наумовски имаше одлични интервенции.
Голманот на Скопје најпрво го одбрани ударот на Анѓелески во 33. минута, а потоа во 38. минута Богдановски ја погоди пречката со глава. Три минути подоцна нова шанса на Богдановски, и нова одбрана на Наумовски.
Само што почна вториот дел, погодок за Силекс. Манојлов додаде од лево, Хасукиќ на пеналтикот од прва го совлада Наумовски за предност на кратовскиот тим.
На вториот гол се чекаше до 60. минута. Богдановски додаде до Џеков, кој влезе во шеснаесетникот и беше фаулиран од Сековски, по што беше покажан пенал, а Сековски го доби вториот жолт картон.
Богдановски беше сигурен реализатор на ударот од белата точка.
Печат на победата стави Мишов, кој доби топка, излезе сам пред голот на Наумовски, и рутински го совлада за конечни 3-0.