Положани: Честитки за фудбалерите, смогнаа сили за триумф и покрај заморот

Шкендија има перфектен старт на сезоната во Првата македонска фудбалска лига откако ја совлада Брегалница со 4-1 во последниот натпревар од третото коло во Првата фудбалска лига.

Сите пет гола беа постигнати во второто полувреме, а тренерот на Шкендија, Артим Положани, сите заслуги им препиша на фудбалерите.

„Сакам да им честитам на фудбалерите, затоа што тие се најзаслужни за овој триумф. Не е лесно да се стигне до победа, кога само три дена претходно сте имале тежок меч во Европа. Но, бевме организирани, создадовме шанси и постигнавме голови, иако противникот поголем дел од натпреварот чекаше и играше во својата третина од полето“, изјави Артим Положани.

Тренерот на Брегалница, Никола Кузманов, не беше задоволен од резултатот, но, сепак реалноста е дека неговиот тим играше против силен ривал.

„Шкендија беше подобар тим и треба да честитаме. Можеби одлуката за пеналот за нас ќе сменеше нешто во резултатот во тие моменти, но генерално одигравме во рамките на можностите. Сепак, во првите три кола игравме против двете најдобри екипи во лигата, Вардар и Шкендија“, истакна стратегот на Брегалница.