Охрид спремен за пливачкиот маратон, пријавени 60 пливачи

Шеснаесет пливачи од осум држави утре ќе застанат на стартот на 39. Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи на традиционалната 25-километарска патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Охридското пристаниште.

На маратонот ќе настапат пливачи од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и од Аргентина, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција во пресрет на маратонот истакна дека манифестацијата има значење што го надминува спортот и претставува важен дел од промоцијата на Охрид.

„Охридскиот пливачки маратон не е само трка во светскиот календар во пливање на отворени води, туку и традиција, наша гордост и неизбришлив дел од охридскиот идентитет. Секој испливан метар од маратонот е приказна за силата на човечкиот дух, но и за љубовта кон езерото што нè спојува и поврзува. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат, но и да ги надминуваат сопствените граници“, рече Пецаков.