Реми на У21 селекциите на Македонија и Црна Гора во Битола

Репрезентацијата на Македонија до 21 година одигра 1:1 против Црна Гора во Битола, во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. За новиот селектор Александар Таневски ова беше официјално деби на клупата на младата селекцијата.

Црна Гора прва се закани во Битола. По грешка во нашата одбрана, Вујовиќ доби простор за удар, но не беше прецизен. Македонија возврати во 10. минута преку Данев, кој проби низ средината, но неговиот удар заврши во блокот.

Во продолжението се играше претпазливо, со многу прекини и грешки на двете страни. Македонија првиот удар во рамките на голот го упати во 40. минута, кога Николовски шутираше од далечина, но Миниќ без проблеми интервенираше.

Само минута подоцна, Џеков мораше да покаже одлична реакција. Зејковиќ упати незгоден удар, а македонскиот голман ја исфрли топката во корнер.

Црна Гора сепак успеа да го отвори резултатот во финишот на првото полувреме. Вујовиќ со одличен потег со пета го проигра Костиќ, кој ја искористи празнината во нашата одбрана и со удар од прва го совлада Џеков за 0:1.

Македонија во второто полувреме излезе со многу поголема енергија и веднаш го притисна противникот. Данев во една добро организирана акција го совлада Миниќ, но пречката спречи брзо израмнување.

Израмнувањето сепак стигна во 58. минута. Тасовски побегна зад последната линија на Црна Гора и беше соборен во шеснаесетникот. Судијата покажа на белата точка, а Љатифи презеде одговорност и сигурно реализираше за 1:1.

До крајот Македонија продолжи да го бара вториот гол. Најдобрата можност за целосен пресврт дојде во самиот финиш, кога нововлезениот Мехмед со глава шутираше од непосредна близина, но не успеа да ја погоди мрежата.

Македонија: Џеков, Серафимов, Мурати, Мурати (Атанасовски 88ʼ), Велков, Ташовски (Мехмед 88ʼ), Николовски, Аризанковски, Данев (Трпевски 76ʼ), Величковски (Хоџа 88ʼ), Љатифи;

Црна Гора: Миниќ, Мараш, Дакиќ, Дамјановиќ, Вуковиќ, Мрваљевиќ (Лаљевиќ 60ʼ), Вујовиќ (Кецојевиќ 68ʼ), Влаховиќ (Радушиновиќ 68ʼ), Костиќ (Ровчанин 90ʼ), Савовиќ (Царевиќ 68ʼ), Зековиќ;

Македонија и Црна Гора во Битола запишаа по еден бод, а нашата селекција квалификацискиот циклус ќе го затвори на 5. октомври со гостување против Шведска.