МЗТ Скопје со победа над Куманово ја отвори новата сезона

Актуелниот шампион на Македонија МЗТ Скопје Аеродром на домашен терен го совлада Куманово со 85-77 во натпревар кој донесе интересна и неизвесна завршница.

По израмнетата прва четвртина, во која двете екипи постигнаа по 19 поени, следуваше одличен период за скопските „сино-бели“.

Во втората четвртина, МЗТ Скопје Аеродром постигна дури 33 поени, наспроти 19-те на гостите, па на полувремето домаќинот замина со убедлива предност од 52:38.

По одморот, кумановските „сино-бели“ заиграа многу подобро, особено во одбраната. Гостите во третата четвртина постигнаа 20, а примија само 11 поени, со што негативата ја намалија на 58:63.

Избраниците на Марин Докузовски продолжија со притисокот и на почетокот на последниот период успеаја да се доближат на само три поени – 62:65.

МЗТ Скопје Аеродром, сепак, брзо одговори и по тројката на Дамјан Стојановски повторно се одвои на 68:62, по што Докузовски побара тајм-аут.

Кумановци не успеаја веднаш да одговорат, па домаќинот во еден момент стигна и до двоцифрена предност – 77:66. Но, гостите не се предадоа. Со серија во финишот успеаја да намалат на 71:77, нешто помалку од три минути пред крајот.

Во последната минута, МЗТ имаше предност од 81:75, а Стајиќ со две погодени слободни фрлања намали на 77:81. Кумановци, сепак, немаа тимски бонус, што му овозможи на домаќинот да го контролира поседот и да потроши драгоцени секунди во завршницата.

До крајот, МЗТ Скопје Аеродром ја зачува предноста и со 85:77 ја запиша првата победа во новата сезона на МТЕЛ Суперлигата.

Кај домашниот состав,петмина кошаркари имаа двоцифрен број поени. Најефикасни беше новајлијата Ворнер и Тадиќ со по 15 поени, Лука Стојановски додаде 13 поени и четири скока, додека Дамјан Стојановски и Маслинко завршија со по 10 поени.

Во гостинскиот состав, Мекиќ имаше одлично поентерско деби, со 24 поени, шест скока и шест асистенции. Стајиќ постигна 13 поени, со три скока и три асистенции, Гуден додаде 11. поени (и три скока), Стевановиќ натпреварот го заврши со 10 поени и три скока, а Ѓуроски имаше девет поени и девет скока.