Џеко го одигра последниот натпревар за селекцијата на БиХ

Един Џеко синоќа и официјално ја заврши репрезентативната кариера.

Капитенот на Босна и Херцеговина ги одигра последните минути за националниот тим на дуелот против Шведска, откако во 63. минута го напушти теренот и му го отстапи местото на Харис Табаковиќ. Натпреварот заврши 1:1.

Излегувањето на Џеко од теренот беше исклучително емотивно. Неговите соиграчи направија шпалир покрај аут-линијата за да му оддадат почит на капитенот, а во чест на големиот босански напаѓач им се придружија и шведските репрезентативци.

Џеко беше испратен со огромен аплауз од трибините, а целото „Билино Поље“ потоа почна да го скандира неговото име.

За 40-годишниот напаѓач ова беше крај на репрезентативната кариера која траеше речиси две децении. Џеко дебитираше за Босна и Херцеговина во 2007 година и со 151 настап и 73 гола е рекордер на националниот тим според бројот на настапи и постигнати голови.

Неговиот последен натпревар во репрезентативниот дрес беше најавен како посебен момент, а пред дуелот Џеко порача дека од националниот тим заминува среќен и задоволен, бидејќи смета дека дал максимум во дресот на својата земја.

Збогувањето, сепак, не заврши со последниот свиреж. По натпреварот на „Билино Поље“ беше подготвена посебна програма посветена на кариерата на легендарниот капитен.