„Balkan Boxing 13“ пристигнува во Македонија: Познати првите борби за боксерскиот спектакл во Неготино!

По спектакуларното издание во Нови Пазар, регионалниот боксерски караван пристигнува во Македонија! Неготино ќе биде домаќин на „Balkan Boxing 13“, вечер посветена на професионалниот бокс, со амбиција да ги собере најдобрите боксери од регионот и да ѝ донесе на домашната публика вистински боксерски спектакл.
Настанот се организира под промоцијата „Balkan Boxing“, во партнерство со Здружението „Про Бокс Македонија“ (ПБМ) и градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева.
На 31 октомври 2026 година, со почеток во 18:00 часот, спортската сала „Младост“ во Неготино ќе биде центарот на регионалниот професионален бокс. За првпат, најпрепознатливата промотерска куќа во регионот – „Balkan Boxing“ – ќе организира своја промоција во Македонија, отворајќи ново поглавје во развојот и промоцијата на професионалниот бокс во земјава.
По настаните во Белград, Сараево, Нови Пазар, Тутин и други градови од регионот, „Balkan Boxing“ продолжува да ја шири својата мрежа, а следната дестинација е токму Неготино!
Познати првите борби – Алмир Мемич во главниот меч на вечерта!
Веќе се потврдени првите борби за „Balkan Boxing 13“, а љубителите на професионалниот бокс ќе имаат можност да проследат интересни дуели меѓу боксери од Македонија и од регионот.
Главниот меч на вечерта ќе го предводи добро познатиот и сè уште непоразен Алмир Мемич, познат како „Тајсон од Пријепоље“, со професионален биланс од шест победи без пораз, од кои две со нокаут (6-0-0, 2 KO). Негов противник ќе биде Борис Недбал од Словачка, кој зад себе има шест победи и четири порази, со сите шест победи остварени со нокаут (6-4-0, 6 KO).
Во конасловната борба на вечерта, македонскиот професионален боксер Матеј Чатлески (3-0-0) ќе се соочи со Леон Марич од Босна и Херцеговина. Чатлески ќе има можност повторно да настапи пред домашната публика и да го покаже својот квалитет во рингот на еден од најзначајните регионални боксерски настани што ќе се одржат во Македонија.
Покрај овие два дуела, потврдена е и борбата меѓу хрватскиот боксер Марко Краљевиќ, кој има професионален биланс од девет победи и еден пораз (9-1-0), и српскиот боксер Стефан Михаилов.
На боксерската вечер ќе настапи и тешкашот Санел Хасановиќ, кој има професионален биланс од десет победи, еден пораз и едно реми (10-1-1). Неговиот противник сè уште не е официјално потврден, а името ќе биде објавено дополнително.
Вечерта ќе започне со српскиот дуел меѓу Вук Вукаљовиќ и Филип Достанич, кои ќе ја имаат честа да ја отворат програмата на „Balkan Boxing 13“.Со организацијата на „Balkan Boxing 13“, Неготино добива можност да се позиционира како нова дестинација на регионалната мапа на професионалниот бокс и да биде домаќин на голем настан што ги поврзува боксерите, публиката и професионалната боксерска сцена од Балканот.
Најавените дуели се само почеток, а во наредниот период се очекуваат нови информации за боксерите што ќе го комплетираат fight card-от. Публиката може да очекува вечер исполнета со професионален бокс и атрактивни пресметки меѓу претставници од повеќе балкански земји.
Настанот ќе се одржи на 31 октомври 2026 година, со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Младост“ во Неготино.
Љубителите на професионалниот бокс ќе можат да го следат настанот преку Arena Fight, во соработка со Arena Channels Group, како и преку платформата Rutube.
Неготино е подготвено за професионален бокс! „Balkan Boxing 13“ доаѓа во Македонија – на 31 октомври, рингот ќе биде во центарот на вниманието!