МЗТ Скопје декласиран во Европа Купот во Солун

Кошаркарите на МЗТ Скопје доживеаја убедлив пораз на гостувањето во Солун, откако Ираклис славеше со високи 103-73 во натпреварот од ФИБА Европа купот. За аеродромци ова беше шести пораз во исто толку одиграни натпревари во групната фаза.
Домаќините уште од самиот почеток го наметнаа своето темпо и со серија од 10-0 најавија дека ги очекува тешка вечер. Предноста на Ираклис во првата четвртина достигна и 17 поени (27-10), но МЗТ успеа да се врати во игра и во вториот период да се доближи на само четири поени негатива (35-39).
Сепак, надежта за пресврт кратко траеше. Грчкиот тим целосно ја презеде контролата во второто полувреме, постепено ја зголемуваше разликата и на крајот стигна до убедлива победа од 30 поени.
Ноа Хочлер беше најефикасен кај победникот со 19 поени и осум скокови, додека кај МЗТ Скопје најдобар поединец беше Емир Крајиниќ со 17 поени, 10 скокови и две асистенции.
По шест одиграни кола, МЗТ Скопје останува на последното место во групата Е без ниту една победа.