Флензбург незадоволен од одлуките на ЕХФ за службени победи
Одлуката на Европската ракометна федерација со која исходот на одреден број натпревари од ракометната Лига на шампиони беа решени со службен резултат, донесе многу негодувања меѓу клубовите.
Најжестоко реагираа од бундеслигашот Флензбург, кој со службен резултат го загуби натпреварот со нашиот Вардар, но и неодиграниот дуел со Порто.
ЕХФ образложи дека предвид се земени причините поради кои не се одиграни средбите, но германскиот тим е лут на федерацијата.
„Одлуката на ЕХФ е показател како ги носат одлуките без дијалог со клубовите. Ние ја одигравме најдобрата групна фаза досега, имавме три натпревари помалку и само два бода заостанување зад првопласираниот Кјелце, сега чуството е горчливо. На крајот можеме да завршиме на третото место, иако со игрите заслуживме да ја скокнеме осминафиналната фаза“, изјави тренерот Мајк Макула.