Лацио сепак нема да биде казнет со одземање на бодови
Римски Лацио ја избегна казната со одземање на бодови во Серија А, откако тужителите побараа парична казна од 200 илјади евра и долготрајна забрана за сопственикот на клубот Клаудио Лотито и двајца лекари од тимот како казна за кршење на протоколот за КОВИД-19.
Тужителот на Италијанскиот фудбалски сојуз (ФИГЦ) побара парична казна, суспензија од 13 месеци и 10 дена за Лотито, односно 16-месечна забрана за лекарите Фабио Роди и Иво Пулчини на судењето на националниот сојузен суд.
Медиумските извештаи претходно сугерираа дека Лацио ризикува одземање на бодовоите или дури и испаѓање од Серија А поради кршењето на лигашките протоколи во ноември и декември минатата година. Истрагата на ФИГЦ беше отворена поради потенцијално кршење на протоколот во врска со пандемијата, а тогаш е прегледан тренинг центарот на клубот и запленети се резултати од испитувањето на брисевите.
Пописот на ФИГЦ на прекршоци го опфати и пропустот на итни пријави на позитивни случаи до локалното здравствено тело, пропуст при спречување на тројца играчи да тренираат откако имаа позитивни тестови и пропуштање на задолжителен десетдневен период на изолација за асимптоматски играч, кој во тоа време играл дури и првенствен натпревар.