За три сантиметри – тешко повредениот Белгијанец ќе останеше без фудбалска кариера
Белгискиот репрезентативец, 25-годишниот Тимоти Кастањ го заврши својот настап на Европското првенство уште при првиот наптревар. Во победата на Белгија од 3:0 над Русија, Кастањ се судри со главите со Русинот Далер Кузјаев во 26. минута од натпреварот.
Кастањ доживеа двојна скршеница на очната празнина во тој судар и нема да може да игра фудбал во следните шест до осум недели. Со самото тоа, нема да може да настапи во продолжението на Европското првенство.
Кастањ мораше на операција која траеше шест часа. Изведена му беше реконструкција на очната празнина, а доколку ударот беше три сантиметри подлабок, кариерата на Кастањ веројатно ќе беше завршена, пишуваат белгиските медиуми.
Белгија денеска го игра вториот натпревар на ЕП против Данска.