Ливерпул не го пушта Салах на Олимписките игри
Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах сака да патува со Египет на овогодишните Олимписки игри во Токио. На фудбалскиот турнир таму може да учествуваат само играчи до 23 години, но дозволено е да има три кои ја надминуваат таа возраст. Египет сака тоа да бидат Салах и Мохамед Елнени од Арсенал, кои и самите сакаат да патуваат за Токио.
Проблемот е што Ливерпул не планира да го пушти Салах, затоа што фудбалскиот турнир на Олимписките игри трае од 22 јули до седми август, додека Премиер лигата почнува на 13-ти август. Салах така би ги пропуштил целите подготовки, а можеби и стартот на сезоната, што на клубот од Англија никако не им се допаѓа. Дополнителен проблем е и Африканскиот куп на нации, кој се игра во јануари 2022. година, а таму ќе оди Салах, па за Ливепрул би бил преголем удар да го загуби својот играч во два наврати во една сезона.
Претседателот на фудбалската федерација на Египет, Ахмед Мегахед потврди дека тие се во разговори со Ливерпул и дека ќе се обидат да го наговорат Ливерпул да му даде дозвола на Салах да игра во Токио, но тоа засега е без успех.