Британските власти не сакаат Мундијал на Островот во 2030 година
Претседателот на британскиот парламентарен комитет за спорт, Џулијан Најт, препорача британската и ирската фудбалска федерација да се откажат од кандидатурата за домаќин на Светското првенство во 2030 година.
„Сите знаат дека кандидатурата за Светското првенство е само еден огромен, залуден и скап проект“, рече тој, цитиран од Би-би-си.
Осврнувајќи се на инцидентите за време на финалето на ЕП 2020 што се одржа во Лондон, Најт рече дека проблемот е и во угледот што го има Британија кога е фудбалот во прашање.
„Тажно е, бидејќи идеално сме подготвени да бидеме домаќини на овој турнир, но имаме огромен проблем со реномето на меѓународно ниво кога е фудбалот во прашање“, рече тој.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, веднаш по завршувањето на Европското првенство изјави дека инцидентите нема да влијаат на шансите на Велика Британија и Република Ирска да организираат големи настани во иднина, пренесе Бета.