Њукасл и Јуве најмногу потрошија во зимскиот преоден рок

Њукасл и Јувентус се клубовите кои потрошиле најмногу пари за влезни трансфери во јануари, според проценките на Трансфермаркт. Од Њукасл потрошиле повеќе од 100 милиони евра за нови играчи оваа зима, а точната бројка е 102,1 милиони.

Њукасл доби неколку нови играчи – Бруно Гимараеш, Киран Трипие, Ден Бирн, Мет Таргет и Крис Вуд. Јувентус е втор со 97,7 милиони евра. „Старата дама“ го направи и најголемиот трансфер оваа зима, плаќајќи 80 милиони евра (вклучувајќи бонуси) на Фиорентина за српскиот напаѓач Душан Влаховиќ. Клубот од Торино го купи и швајцарскиот играч за врска Денис Закарија, чиј договор со Борусија (Менхенгладбах) истекуваше на 30 јуни, но купија и фудбалер од Серија Б, дефанзивецот на Фросиноне, Федерико Гати. Тој ќе остане во Фросиноне до крајот на сезоната, а потоа ќе следи преселба во Торино.

Барселона е на третото место со 55 милиони евра потрошени за трансфери. Каталонците зимава се засилија со Феран Торес и Адама Траоре, а со слободен трансфер им се приклучува и Пјер-Емерик Обамејанг. По рангирањето следат 4 англиски екипи, како и еден италијански, односно Ливерпул (45 милиони евра), Евертон (37,5 милиони евра), Астон Вила (30 милиони евра), Тотенхем (29 милиони евра) и Фиорентина (28 милиони евра). „Виолетовите“ од Фиренца го заменија Влаховиќ со Артур Кабрал од Базел, а претходно во јануари потпишаа и со Кшиштоф Пионтек.