Зајков: Во Полтава животот е нормален, останувам во Украина
Македонскиот фудбалски репрезентативец, Ѓоко Зајков кој настапува за Ворскла од Полтава, вели дека останува во Украина и покрај апелите на МНР за враќање на македонските државјани од таа земја.
Тензиите меѓу Русија и Украина растат, медиумите постојано информираат за можни почетоци на војна. Министерствата за надворешни работи на сите земји ги повикуваат своите жители да ја напуштат украина. Такви апели упати и македонското МНР, но Ѓоко Зајков ги следи инструкциите на клубот и засега ниту тој, ниту другите странски фудбалери не ја напуштаат земјата.
„Тука се е нормално, нема никакви тензии. Го слушнав апелот на Министерството за надворешни работи, речиси сите земји испратија такви апели, но во разговор со луѓето од клубот добивме совети дека не треба да паничиме, дека во моментов нема ништо сериозно, ако има такво нешто ќе не известат прво нас, тогаш би немало ниту фудбал во земјава. Затоа решивме да останеме тука, не само јас, туку и сите страници кои играат. Од клубот ни велат дека тензијата во регионот трае веќе осум години, ова не е ништо ново, да не ја слушаме медиумската пропаганда. Тука е се нормално, градот функционира нормално, си работат рестораните, кафичите, продавниците, луѓето живеат нормално“, изјави Ѓоко Зајков за утринската програма на „Телма“.