Фабио Карваљо од Фулам се сели во Ливерпул

Ливерпул официјално го претстави едно од своите нови засилувања – Фабио Карваљо. Од Ливерпул веќе на 23 мај објавија дека постигнале договор со Фулам за трансфер на 19-годишниот играч од средниот ред.

Од први јули стана играч на „црвените“, откако му истече договорот со лондончани. Младинскиот репрезентативец на Португалија ќе игра на „Енфилд“ во дресот со број 28. Караваљо од утре почнува да тренира со тимот на Јирген Клоп. Тој е едно од трите нови засилувања за Ливерпул ова лето, заедно со Дарвин Нуњеш и Калвин Ремзи.

„Чувството да се биде во еден од најголемите клубови во светот, ако не и најголемиот, е неверојатно. Среќен сум што сум тука и едвај чекам да започнам. Штом ќе слушнете дека Ливерпул е заинтересиран за вас, има само една мисла во вашиот ум – да се приклучите на овој тим. Се надевам дека ќе можам да постигнам големи работи овде. Веќе разговарав со сите, вклучително и со менаџерот и се чувствувам многу природно“, изјави Португалецот.