УЕФА одби интонирање на британската химна во чест на кралицата
Европската куќа на фудбалот, УЕФА синоќа го одби барањето на Челзи, Манчестер Сити и Ренџерс за интонирање на британската химна пред почетокот на нивните натпревари во второто коло од Лигата на шампионите.
Разбирливо е дека британските клубови посакувале химната да се интонира во спомен на кралицата Елизабета Втора, која почина минатиот четврток.
„Нема да се свират национални химни, туку само химната на Лигата на шампионите, врз основа на одржување на доследната церемонија пред натпреварот, во тишина и без никакви славенички активности на терените во Обединетото Кралство, со што ќе покажеме почит како што направивме во четвртокот“, се наведува во соопштението на УЕФА.
Челзи утревечер ќе го пречека Салцбург, Сити ќе игра со Борусија Дортмунд, додека натпреварот помеѓу Ренџерс и Наполи е одложен за среда поради организациски проблеми поврзани со националната жалост поради смртта на кралицата.