Роналдо ќе игра во клуб од Саудиска Арабија

Шпанскиот весник „Марка“ пренесува дека ѕвездата на португалската фудбалска репрезентација Кристијано Роналдо на 1 јануари ќе потпише договор со клубот Ал-Насер од Саудиска Арабија.

Португалскиот напаѓач ќе потпише договор од 2,5 сезони според кој годишно ќе заработува по 200 милиони евра.

Роналдо се раздели со англискиот Манчестер Јунајтед пред почетокот на Светското првенство во Катар по скандалозното интервју во кое упати критики кон раководството на клубот.

37-годишниот Роналдо е капитен на репрезентацијата на Португалија, а во моментот по петти пат во кариерата игра на светските фудбалски првенства.

Роналдо е петкратен освојувач на „Златната топка“, петкратен освојувач на Лигата на шампионите, а со Португалија има освоено и европска титула и трофеј во Лигата на нации.