ФИФА донираше еден милион долари за погодените од земјотресот во Турција и Сирија
Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) донираше милион долари преку својата добротворна фондација за набавка на хуманитарна помош за луѓето погодени од земјотресите во Турција и Сирија, соопшти денеска организацијата.
Вкупниот број на починати во двете земји надминува 43 илјади луѓе, а на уште милиони им е итна потреба од помош. Голем дел од нив останаа без домови. Од ФИФА објаснија дека парите ги поделиле по консултација со фудбалските федерации на Турција (ТФФ) и Сирија (СФА), како и со меѓународните невладини организации.
„Донациите ќе бидат искористени за купување и дистрибуција на основните хуманитарни производи и предмети, како и за обезбедување привремено засолниште. ФИФА ќе продолжи да соработува со ТФФ и СФА додека ги разгледува следните чекори“, објави светската централа.
Минатата недела и англиската Премиер лига објави дека ќе донира 1 милион фунти. Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) даде првичен итен придонес од 200.000 евра.