Квадрадо најлошо мина по исклучувањата на „Дербито на Италија“
Дисциплинската комисија на Серија А ги објави казните за тројцата исклучени играчи во првото полуфинале од Купот на Италија помеѓу Јувентус и Интер, кое заврши 1-1. Станува збор за Хуан Куадрадо од тимот на Јувентус, како и Ромелу Лукаку и Самир Хандановиќ од тимот на Интер.
Очекувано најголемата санкција е за Куадрадо, која изнесува суспензија за настап на три натпревари, како и парична казна од 10 000 евра. Тој ќе пропушти два натпревари поради директниот црвен картон што го доби по расправијата со Хандановиќ и ударот што му го нанесе на противничкиот голман, а третиот меч од суспензијата е поради акумулираните жолти картони. Хандановиќ исто така беше исклучен со директен црвен картон поради ударот против Куадрадо, но доби казна од еден натпревар и парична казна од 10.000 евра.
Од друга страна, Лукаку е суспендиран само за реваншот против Јувентус бидејќи неговиот црвен картон беше резултат на две жолти. Како што е познато, вториот жолт картон дојде по провокативен гест на напаѓачот кон противничките навивачи. Во меѓувреме, Јувентус беше казнет и со делумно затворен јужен сектор за еден натпревар. Сепак, оваа санкција ќе важи во Серија А лигата за домашниот натпревар против Наполи на 23 април. Првото ниво на јужната трибина на стадионот Алијанц потоа ќе биде затворено поради навивачите кои расистички скандирале кон Лукаку што ја поттикна реакцијата на играчот.