Габриел Жесус: Уште сме лидери, овој Арсенал знае како во финишот на сезоната

Арсенал забележа три реми средби на последните три кола во Премиер лигата и загуби драгоцени шест бода во битката за титулата, која сега станува се пожестока како што се ближи самиот крај.

По нерешените средби со Ливерпул и Вест Хем, Арсенал вчера не успеа да го скрши ниту „фенерџијата“ Саутемптон и се спасуваше од пораз во самата завршница, па сега со три бода на последните три меча ќе се подготвува за дербито кое ќе решава за титулата.

„Топчиите“ ќе му гостуваат на Манчестер Сити наредната среда на „Итихад“, дуел на кој ќе влезат со пет бода предност, но и со два меча повеќе од директниот ривал за титулата.

„Многу работи ни се случија на последните три меча, но нема да дојдам тука и да зборувам за негативни работи. Ние мора да останеме позитивни, тоа што го правиме цела сезона е неверојатно. Премиер лигата е многу тешка и ништо нема да биде лесно до крајот. Доаѓаат најтешките моменти, мора да останеме сплотени и да се држиме заедно.

Имаме уште многу пред нас, имаме пет бода повеќе од Сити и се уште сме пред нив. Тие имаат два меча во рака, но ако сакаме да бидеме шампиони, мора да победиме против нив. Тоа е тоа, се е јасно и ќе заминеме таму со таа помисла. Ние сме најмладиот тим во лигата, понекогаш правиме добри работи, понекогаш правиме грешки, но мора да останеме сплотени. Се уште сме во игра и ќе се бориме до самиот крај“, порача Габриел Жезус.