Шевченко можен селектор на репрезентацијата на БиХ

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина е без селектор. Тешкиот пораз од Луксембург во Зеница во рамките на евроквалификациите го принуди Фарук Хаџибегиќ да поднесе оставка.

Изминативе денови имаше многу потенцијални кандидати за преземање на оваа функција, но наследникот на Хаџибегиќ не се најде.

Наводно во игра биле Славољуб Муслин и Славен Билиќ, а италијанските медиуми ја пренесоа сензационалната вест. Тие тврдат дека еден од кандидатите е легендарниот Украинец Андреј Шевченко.

Поранешниот освојувач на „Златната топка“ последниот ангажман го имаше на клупата на Џенова, која ја водеше од 2021 до 2022 година, додека беше селектор на Украина од 2016 до 2021 година.

Со Украина играше во четврт-финалето на последното Европско првенство.