Алжирецот Гедбан потпиша за Еурофарм Пелистер

Голманот Калифа Гедбан, кој беше дел од екипата на Вардар при освојувањето на втората шампионска титула во Лигата на шампионите 2019 година , следната сезона ќе ги брани боите на Еурофарм Пелистер. Алжирскиот голман Гедбан повторно ќе настапува во Лигата на шампионите, но овој пат во дресот на битолскиот тим.

Еурофарм Пелистер преку официјално соопштение го промовира Гедбан. Голманот веднаш ќе му се приклучи на тимот во Маврово, откако во наредните денови ќе пристигне во Македонија.

„Ни претставува задоволство што во нашиот тим во иднина ќе настапува уште еден европски шамшион. Алжирскиот репрезентативец и долгогодишен учесник во Лигата на шампионите, Калифа Гедбан е нов голман на Еурофарм Пелистер! 26-годишниот голман на алжирската репрезентација доаѓа како слободен ракометар, а последната сезона ја помина во првакот на Романија и учесник во Лигата на шампионите, Динамо Букурешт. Гедбан потпиша договор на една сезона, со опција за уште една. Калифа ќе им се приклучи на Урбан Лесјак и Марко Кизиќ на голманската позиција во нашиот клуб.Гедбан е висок 200 сантиметри, а тежок 110 килограми и веќе пет сезони е дел од европскиот ракомет. Две сезони мина во Вардар 1961 и стана шампион на Европа. По добрите настапи во Македонија се пресели во култниот шпански клуб Адемар Леон, а неговите добри настапи му донесоа трансфер во Динамо Букурешт. Во последните две сезони со успех го носеше дресот на романскиот гигант. Калифа Гедбан деновиве доаѓа во Македонија и веднаш ќе му се приклучи на екипата на подготовките во Маврово. Неговото официјално претставување е предвидено на почетокот од месец август. Алжирскиот голман е шесто засилување на Еурофарм Пелистер оваа сезона по Цехте, Борзаш, Нилсен, Петровиќ и Ѓорговски“, стои во соопштението на клубот. 

Гедбан е шесто ново име во таборот на „зелено-белите“. Претходно Еурофарм Пелистер ги доведе Цехте, Борзаш, Нилсен, Петровиќ и Ѓорговски. Во новата сезона пелистерци се враќаат во Лигата на шампионите откако станаа прваци на Македонија. Во елитното натпреварување битолчани се во групата А со екипите на ПСЖ, Киелце, Кил, Алборг, ПИК Сегед, ППД Загреб и Колштад.