Украина ќе ја пречека Италија во Леверкузен

Квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 меѓу Украина и Италија кој е дел од нашата група Ц ќе се одигра во Леверкузен, објави официјалниот сајт на Фудбалскиот сојуз на Украина.

Натпреварот ќе се одигра на 20 ноември на теренот „БајАрена“ (почеток 20:45 часот). Тимот на Баер Леверкузен се согласи да го обезбеди својот стадион за натпреварот.

„Драго ни е што преговорите завршија со договор за одржување на натпреварот Украина – Италија на прекрасниот стадион „БајАрена“. Украинскиот фудбалски сојуз изразува искрена благодарност до раководството на германскиот клуб Баер за плодната соработка и поддршката што му ја дава на украинскиот фудбал!

Посебна благодарност до Германскиот фудбалски сојуз за помошта во организацијата на овој натпревар, како и поддршката за Украина во овие тешки моменти. Го цениме тоа и секогаш ќе се сеќаваме на вашето гостопримство! 

Сигурен сум дека и украинските навивачи кои ќе дојдат во Леверкузен на 20 ноември да го поддржат нашиот тим, исто така ќе можат да го ценат гостопримството и убавината на БајАрена“, изјави првиот потпретседател на ФС на Украина, Вадим Костјученко.