Дашмир Елези потпиша за Локомотива Загреб
Eден од најталентираните фудбалери на Шкендија и голема надеж на овој клуб, 19-годишниот Дашмир Елези кариерата ја продолжува во Хрватска.
Елези ќе игра за тимот на Локомотива Загреб, трансферот утрово го потврди тетовскиот клуб.
„Шкендија со задоволство објавува дека постигна договор со НК Локомотива Загреб за трансфер на Дашмир Елези. Клубовите ја договорија оштетата, а Шкендија ќе добие и 10% од потенцијалниот следен трансфер на Елези“, објави тетовскиот клуб.
Вниманието на македонската јавност Елези го привлече кога на само 16 години доби шанса и стана најмладиот стрелец во историјата на клубот на официјален натпревар. Иако има 19 години тој зад себе собра веќе 90 официјални натпревари.
Минатата година се пресели во Торпето Кутаиси од Грузија, меѓутоа набрзо по барање на играчот трансферот се откажа и Елези продолжи со Шкендија.