Де Лаурентис: Заминувањето на Спалети беше голема грешка
Аурелио Де Лаурентис е познат како човек кој не ги убедува и задржува да останат оние кои не сакаат, таков беше случајот и со Лучијано Спалети.
На крајот од минатата сезона, Спалети одлучи дека е изморен и истрошен по освоената историска титула со Наполи и одлучи да си замине. Заминувањето на Спалети беше изненадување затоа што тој има ја донесе титулата по 30 години чекање.
Во последното интервју Де Лаурентис открива дека многу лесно можел да го задржи Спалети бидејќи во неговиот договор имало клазула за продолжување на соработката до 2025 година. Место тоа тој одлучил да разговара со Спалети, а на крајот му дозволил да замине.
„Јас сум одговорен за заминувањето на Спалети, направив голема грешка. Договорот беше добар, ист како што имаше Рафа Бенитез. Во него имаше опција за продолжување и можев да ја активирам во секој момент. По трите натпревари со Милан минатата сезона му испратив порака дека ќе ја активирам. Сите ми зборуваа дека треба да го направам тоа, но јас воопшто не очекував дека Спалети ќе дојде кај мене на 12-ти мај и ќе ми каже дека сака да одмори.
Од денешен аспект се обвинувам што го дозволив тоа. Ако ја активирав опцијата тој ќе останеше, ќе имаше можеби правен спор, но морав да останам верен на тоа што го потпишав. Спалети сметаше дека дал се што има за тимот. Сепак, моите претпоставки се дека веќе имал направено контакти со репрезентацијата, но не можам да го тврдам тоа. Ми кажа дека е изморен, а потоа ја преземе репрезентацијата за мене тоа е контрадикторно“, изјави Де Лаурентис.