Само капитените ќе може да разговараат со судиите во иднина
Извршниот директор за судење на УЕФА, Италијанецот Роберто Росети, најави дека на претстојното Европско првенство во Германија, судиите ќе им ги објаснуваат сите клучни одлуки на капитените на националните тимови.
„Идејата е едноставна, бараме сите тимови да се погрижат нивниот капитен да биде единствениот играч кој разговара со судијата. Ги замолуваме капитените да се погрижат нивните соиграчи да не го напаѓаат или опкружуваат судијата, овозможувајќи директни разговори за навремено и со почит да се пренесе одлуката“, наведе Росети во отворено писмо објавено денеска на официјалниот сајт на УЕФА
Росети истакна дека невозможно е судиите да му ја објаснат одлуката на секој од 22-та играчи на теренот, сугерирајќи дека капитените треба да бидат единствените играчи кои ќе зборуваат со судијата.
„Да се биде судија во модерната игра е многу тешко. Судијата носи помеѓу 200 и 250 одлуки по натпревар, тоа е една на секои 22 секунди, понекогаш во тешки и контроверзни ситуации, под огромен притисок, и секоја од нив е внимателно проучувана и гледана повторно и повторно од многу различни агли и од навивачите и од експертите“, наведе Росети.