Марадона добива меморијален центар и споменик во Буенос Аирес
Децата на Диего Армандо Марадона најавија основање „Фондација Марадона“ која ќе се грижи за наследството што зад себе го остави аргентинскиот фудбалски идол, а обелоденија и детали околу новиот споменик што ќе биде поставен во центарот на Буенос Аирес, кој се очекува да првлекува еден милион посетители годишно.
„Сакаме нашиот татко да биде блиску до љубовта на луѓето и да им ја исполни желбата на сите што сакаат да му донесат цвеќе“, образложи неговата ќерка Далма, зборувајќи за спомен-обележјето.
Споменикот наречен „MemorialM10“, кој треба да биде отворен во 2025 година, ќе се наоѓа на шеталиштето во срцето на главниот аргентински град, во туристичката област на старото пристаниште Пуерто Мадеро.
Со покриена површина од 1.000 м2, меморијалниот центар ќе привлекува еден милион посетители годишно, според сајтот „m10memorial.com“.
Аргентинците ќе имаат бесплатен пристап, но можат да донираат средства за Фондацијата што ќе им овозможи да ја постават нивната фотографија на ѕидот на наследството кај споменикот.