Гвардиола спремен да издвои богатство за наследникот на Родри
Манчестер Сити во јануари би можел да донесе сензационална одлука да го замени повредениот Родри. Новиот освојувач на „Златната топка“ има повреда на коленото што го оддалечи до крајот на сезоната. Затоа од „Етихад“ размислуваат да направат бомбастична понуда за да го соборат нивниот трансфер рекорд за 18-годишниот Ворен Заир-Емери од Пари Сен Жермен кој би го заменил Родри во средниот ред.
Досега низ медиумите кружеа различни играчи како опции за засилување на средниот ред на „Граѓаните“. Се споменуваа имињата на Мартин Зубименди од Реал Сосиедад, Едерсон од Аталанта и Тијани Рајндерс од Милан. Сепак, сега се појави нова изненадувачка опција во лицето на Заир-Емери.
18-годишниот талент во првиот тим на ПСЖ се проби уште во 2022 година, а минатата сезона стана важна фигура за парижаните со веќе 88 натпревари, 7 гола и 8 асистенции на заслуга. Со добрите игри стигна и до репрезентацијата, дебитирајќи за Франција во ноември 2023 година и веќе има 6 натпревари и 1 гол.
Се вели дека на Манчестер Сити му се допаѓаат квалитетите на младиот фудбалер и во него гледа играч кој допрва треба да го покаже најдоброто од она за што е способен. Затоа „граѓаните“ се подготвени да го одврзат ќесето и да извадат бомбастична понуда од 120 милиони евра за неговите права. Со тоа тие ќе го подобрат својот рекорд за највисока сума за трансфер, надминувајќи ги 117 милиони евра платени за Џек Грилиш во 2021 година во Астон Вила.