Ѓоковиќ пресилен за Лехечка, ќе игра против Алкараз во четвртфиналето
Новак Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето на Австралија опен. Таму противник ќе му биде Шпанецот Карлос Алкараз.
Ѓоковиќ во три сета, по два часа и 40 минути игра, го совчада Јиржи Лехечка со 6-3, 6-4, 7-6 (4).
Неговиот пласман во четвртфиналето значи дека по 15-ти пат ќе игра меѓу осумте најдобри, што е рекорд. Ова беше втор дуел на српскиот и чешкиот тенис по оној на Јунајтед купот и втор триумф за Ѓоковиќ.
На крајот Ѓоковиќ не даде интервју на теренот. Го зеде микрофонот од Џим Куриер и рече: „Ви благодарам што сте тука, што уживате во овој спорт. Ви благодарам многу“.
Десеткратниот шампион е лут на константните провокации од поединци од почетокот на турнирот.
Српскиот тенисер во четвртфиналето на првиот сезонски Грен слем турнир ќе игра против Шпанецот Карлос Алкараз. Британецот Џејк Дрејпер му го предаде мечот при резултат 7-5, 6-1.
Ѓоковиќ и Алкараз одиграа седум меѓусебни дуели, а српскиот тенисер води со 4:3 во победи. Последен пат се сретнаа во финалето на Олимписките игри во Париз, Ѓоковиќ победи со 7-6, 7-6.