Лазаров: Очекувам да бидеме на високо ниво и против Катар
Македонија со реми и еден освоен бод ја започна втората фаза на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. Четата на Кирил Лазаров во драматичен натпревар и со гол во последните секунди на Филип Кузмановски одигра без победник против Австрија и со тоа продолжува да остaва одличен впечаток на овој собир.
Следен ривал на нашите ракометари ќе биде селекцијата на Катар, која е предводена од легендарниот Веселин Вујовиќ.
„Катар имаше одлични натпревари на Светското првенство. Борбена селекција со многу натурализирани играчи кои прават разлика на теренот. Нè очекува уште еден неизвесен натпревар. Очекувам уште еднаш да бидеме на високо ниво. Ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат”, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Катар се игра в четврток во Вараждин, со почеток од 15:30 часот.