Дарко Димитриевски потпиша нов договор во Аликанте

Македонскиот ракометар Дарко Димитриевски ќе ја продолжи својата авантура во Шпанија, откако стави потпис на нов договор со екипата на Аликанте. Левиот бек кој настапува за клубот од минатото лето стави потпис на долгогодишен договор.

Новата соработка ќе биде валидна до крајот на сезоната 2027/28, односно договорот е потпишан на три ипол години. Димитриевски е еден од најдобрите играчи на Аликанте, веќе е еден од капитените на тимот и има обврска да се обиде да помогне клубот да се врати во шпанската елита.

„Среќен сум што го продолжив договорот на уште три години, тоа ми дава мир на мене и семејството. Работиме добро и ќе продолжиме да се бориме заедно. Како еден од капитените задолжен сум за „влечење“ на бродот напред, заедно со младите момчиња сакаме да се вратиме во АСОБАЛ лигата“, изјави Димитриевски.

Оваа сезона Дарко Димитриевски во Втората шпанска лига постигна 63 погодоци и се наоѓа на третото место меѓу најдобрите стрелци.