Роси организира проштален натпревар, ќе дојде и големиот Фергусон

Сер Алекс Фергусон ќе му оддаде почит на Џузепе Роси со тоа што ќе присуствува на прошталниот натпревар на 38-годишниот Роси. Поранешниот италијански репрезентативец се повлече од фудбалот во летото 2023 година, но сега одлучи и официјално да се збогува со фудбалот. Натпреварот се игра на 22 март во Фиренца, каде Роси играше за Фиорентина од 2013 до 2017 година.
„Тоа ќе биде ден полн со изненадувања. Ќе одиграме одличен натпревар со моите поранешни соиграчи. За мене Фиренца е втор дом и секогаш кога ќе се вратам овде се чувствувам одлично. Имавме многу одлични моменти и внатре и надвор од стадионот. Многу сум горд што Сер Алекс Фергусон, мојот прв менаџер во професионалниот фудбал, ќе биде на натпреварот. Ќе дојдат и поранешниот најдобар стрелец на Фиорентина, Лука Тони, мојот соиграч Антонио Касано, Борха Валеро, Себастијан Фреј, како и одличниот Габриел Батистута“, откри Џузепе Роси.
Роси е роден е во САД, но неговата професионална кариера започна во Манчестер Јунајтед. Покрај за Фиорентина има настапувано и за Њукасл, Парма, Виљареал, Леванте, Селта и Џенова. За Италија има 30 настапи и седум гола.