Пораз од моќниот ПСЖ за крај на европската сезона на Еурофарм Пелистер

Во натпревар без никакво резултатско значење и во кој се играше единствено за престиж, Еурофарм Пелистер успеваше да му парира на моќниот ПСЖ во првото полувреме, но потфрли во вторите триесет минути и на крајот се прости со убедлив пораз од новата епизода во Лигата на шампиони. Битолчани успеваа да се држат и одржуваа минимална негатива, но ПСЖ почна да се одлепува во завршните минути од првиот дел и стана јасно дека избраниците на Раул Алонсо нема да можат да се носат со големиот фаворит.
Фактот што Еурофарм Пелистер немаше ниту едно водство во текот на 60-те минути доволно говори за вечерашниот натпревар, кој на крајот заврши со убедливи 26-35 за гостите од Париз.
Францускиот репрезентативец Пранди со осум гола беше нерешлива енигма за битолчани, Јахја постигна пет погодоци, додека светли точки во Пелистер беа Кузмановски со седум и Пешевски со четири погодоци.