Хорхе Мартин ќе ја скокне ГН на САД

Актуелниот светски шампион во Мото ГП, Шпанецот Хорхе Мартин, кој веќе се повлече од првите две трки сезонава поради повреда, потврди дека ќе ја пропушти и Големата награда на САД.
„Имам проблеми, рехабилитацијата не оди толку брзо колку што би сакал. Би сакал да бидам во Остин, но нема да можам да се тркам. Не знам дали ќе бидам и во Катар (13 април). Се уште е рано”, изјави тој на прес-конференција во Мадрид.
Мартин се повреди за време на претсезонското тестирање во Малезија во февруари и мораше да оди на операција на раката, а потоа доживеа уште една несреќа за која беше потребна дополнителна операција.
Тој ја пропушти првата трка сезонава во Тајланд, а ќе ја пропушти втората во Аргентина овој викенд.