Дивиченцо ќе игра за италијанската репрезентација

Италијанската кошаркарска федерација тврди дека е блиску до натурализирање на бекот на Минесота Тимбервулфс, Донте Дивиченцо.

Претседателот на федерацијата Џани Петручи во интервју за „Ла Република“ изјави дека Дивиченцо сака да ја претставува Италија на претстојните натпреварувања.

Очигледно, по завршувањето на сезоната во НБА, тој би дошол во Италија за да ја заврши постапката за добивање пасош.

Селекторот на репрезентацијата Џанмарко Поцеко и Џанлуиџи Датоме наскоро би можеле да отпатуваат во САД за да разговараат со НБА кошаркарот на оваа тема.

Италијанците се обидоа да го натурализираат Паоло Банкеро, но кошаркарот на Орландо го избра дресот на САД.

„Дали се плашам од сличен исход како оној со Банкеро? Не чувствувам одговорност за тоа. Тој ни даде неколку ветувања и на крајот го избра американскиот дрес. Сакаше да се натпреварува на Олимпијадата, но на крајот не замина ни во Париз”, изјави Петручи.

Италијанците неколку пати се обидоа да го убедат Дивиченцо да го облече репрезентативниот дрес, но досега тоа не се случи.

Оваа сезона тој има просек од 11,7 поени, 3,7 скока и 3,8 асистенции, со 40% реализација во шутот за три поени.

Италија ќе учествува на овогодинешниот Евробаскет кој започнува на 27 август.