Палиња негира дека ќе замине од Баерн

Португалскиот играч за врска Жоао Палиња ги отфрли денеска медиумските написи за негово заминување од минхенски Баерн.
Палиња наведе дека нема намера да го напушти Баерн, иако во првата сезона сè уште не ги оправда големите пари што водечкиот тим во германското фудбалско првенство ги вложи за неговото доаѓање од англискиот прволигаш Фулам.
Баварците сакаа да го ангажираат 29-годишниот Португалец во 2023 година, но Палиња дојде во Минхен минатото лето за сума од 51 милиони евра. Сепак, Палиња сè уште не се наметна во стартниот состав, делумно поради повредата на мускулот што го оддалечи од терените два месеци.
„Не ме интересираат гласините за заминување. Ќе направам сè за да покажам зошто клубот ги потроши тие пари на мене. Немам намера да заминам“, изјави Палиња во денешното издание на неделникот „Спорт Билд“.
Португалецот оваа сезона настапи на 12 првенствени натпревари, а само пет пати беше во почетниот состав на тренерот Винсент Компани, последен пат на 8 март кога беше исклучен во 42. минута на дуелот против Бохум.