Познати учесниците на женскиот Ф4, Данска патува во Будимпешта со два тима

Данска ќе има два претставника на Ф4 турнирот во ракометната Лига на шампиони кај дамите, откако Есбјерг успеа да го елиминира романскиот ЧСМ Букурешт.

Романскиот шампион на првиот четвртфинален натпревар триумфираше минимално со 30-29, а на реваншот, кој се одигра во Есбјерг, данскиот тим славеше со 26-22.

Една од најзаслужните за пласманот на Есбјерг на завршницата во Будимпешта беше голманката Ана Кристинсен, која на реваншот забележа 12 интервенции.

Освен Есбјерг, од скандинавската земја учесник на Ф4 ќе биде и Оденсе, кој вчера го елиминираше Ференцварош.

Останатите два учесници се Мец и актуелниот бранител на титулата – гигантот Ѓер. Ф4 турнирот во Будимпешта ќе се одржи од 31 мај до 1 јуни.