Интер заработи најмногу од италијанските клубови сезонава

Челниците на Интер ги тријат рацете од задоволство по досегашниот настап на тимот во Лигата на шампионите.

Тимот од Милано заработи речиси 200 милиони евра од учеството оваа сезона во друштвото на најдобрите, што е повеќе од кој било друг клуб од Серија А досега. И тоа не е сè.

Клубот ќе добие уште 10,5 милиони евра доколку го освои трофејот. Од нив, 6,5 милиони евра се за триумфот во Лигата на шампионите, додека останатите 4 милиони евра се за учеството во Суперкупот на УЕФА, во кој освојувачот на Лигата на шампионите на 13 август на стадионот „Фриули“ во Удине ќе се соочи со освојувачот на Лига Европа (Тотенхем или Манчестер Јунајтед).

Според италијанските медиуми, Интер заработил 133 милиони евра од награди во Лигата на шампионите и околу 60 милиони евра од продажба на билети за меѓународни натпревари во сезоната 2024/2025.