Пелистер се засили со Србинот Ристиќ

Пелистер го официјализираше своето второ засилување за новата сезона, во Битола пристигна Петар Ристиќ.
По враќањето на Стефан Спировски, битолчани ангажираа креативен плејмејкер кој ќе го диригира темпото во средниот ред. Ристиќ доаѓа од редовите на Трајал Крушевац со кој се натпреваруваше во српската Втора лига, каде што минатата сезона блескаше со осум гола и осум асистенции. Станува збор за поранешен младински репрезентативец на Србија, кој може да покрие повеќе позиции во средниот ред и по страните.
25-годишниот офанзивец има настапи и за Мачва, Радник, Раднички Ниш и Јагодина, а со Пелистер потпиша договор на една сезона. Ристиќ веќе го одработи првиот тренинг со новите соиграчи и ќе биде важен дел од плановите за сезоната 2025/26, која стартува во вториот викенд од август.