Галагер по само една сезона заминува од Атлетико?

Конор Галагер би можел да го напушти Атлетико Мадрид само една сезона по пристигнувањето, откако шпанскиот клуб го пречекори лимитот за странски фудбалери надвор од Европската Унија.
Причина за компликациите е последното засилување на Атлетико, аргентинскиот плејмејкер Тиаго Алмада, кој пристигна од Ботафого. Со неговиот потпис, тимот на Диего Симеоне сега има четворица фудбалери без ЕУ пасош, а правилата во Ла Лига дозволуваат максимум тројца.
Поради Брегзит, англиските фудбалери веќе не се третираат како граѓани на Европската Унија, па Галагер може да биде „жртвуван“. Шпанските медиуми пренесуваат дека во клубот постои поголема заинтересираност за задржување на Самуел Лино и Науел Молина, додека иднината на Галагер е под сериозен знак прашалник.
Англискиот репрезентативец има 21 настап за „Гордиот Албион“ и веќе се поврзува со враќање во Премиерлигата. Тотенхем и Њукасл се клубовите кои покажале интерес за 24-годишниот играч за врска, кој лани пристигна од Челси за 34 милиони фунти.