Ендрик одбива позајмица, сака да се докаже во Мадрид

Ендрик нема намера да си замине, барем не оваа сезона. 19-годишниот бразилски напаѓач ја одби понудата на Реал Мадрид да оди на позајмица, решен да се избори за место во првиот тим под водство на новиот тренер, Чаби Алонсо.
Клупските раководители сметаат дека редовното играње во друг клуб би било најдобро за неговиот развој. Селта Виго и Валенсија веќе покажаа сериозен интерес, но Ендрик одбива да ја напушти престолнината, инспириран од играчи кои успеале без да заминат.
Неговата одлука доаѓа во момент кога конкуренцијата во нападот на Мадрид станува сè пожестока. Издигнувањето на Гонзало Гарсија дополнително ја комплицира борбата за минути, но Ендрик верува дека ќе успее да се наметне.
Во моментов закрепнува од повреда на бутниот мускул, која го одложи неговото деби под Алонсо. Јануарскиот преоден рок може да биде клучен доколку не добие шанса. Но засега, младиот напаѓач верува во себе, а и клубот сè уште верува во него како долгогодишен проект.