Џерард пак ќе го води Ренџерс, ќе му биде менаџер и на нашиот Миовски

Стивен Џерард е главен кандидат за нов тренер на Глазгов Ренџерс по отпуштањето на Расел Мартин, тврдат британските медиуми.
Ренџерс вчера донесоа одлука да се разделат со менаџерот Расел Мартин по само 17 натпревари на клупата, во кои клубот оствари само пет победи.
Џерард, кој ги водеше Ренџерс од 2018 до 2021 година, ја освои титулата во Премиер лигата во сезоната 2020/21 за време на неговиот претходен мандат, со што ја прекина долгогодишната доминација на Селтик.
По заминувањето од Глазгов, поранешниот капитен на Ливерпул ги водеше Астон Вила, а потоа и Ал Етифак од Саудиска Арабија. Тој моментално е слободен тренер и, според медиумите, е подготвен да се врати на „Ајброкс“.
Ренџерс моментално се наоѓаат на осмото место во Шкотското првенство, 11 бода зад лидерот Хартс, а по паузата за репрезентативни натпревари клубот ќе биде домаќин на Данди Јунајтед во обид да направи пресврт во сезоната.