Ангелов: Од поразите научивме многу, од натпревар во натпревар играме подобро

Македонската фудбалска репрезентација до 21. година утре со почеток од 18:00 часот на гостински терен во Црна Гора го игра четвртиот натпревар во овој квалификациски циклус.
Нашите фудбалски надежи во овој дуел влегуваат по домашниот триумф над Ерменија од 2-1. До победата стигнавме откако противникот имаше предност и со двата постигнати погодоци стигнавме до првите бодови.
По овој триумф одиме на второто гостување и на соочување со селекцијата на Црна Гора.
„Од поразите против Полска и Италија извлековме многу поуки. Ги видовме нашите грешки и напредокот е евидентен. Домашниот дуел против Ерменија, добро ни дојде. Освоивме три бода, сакаме да продолжиме во таа насока. Црна Гора е доволно анализирана, знаеме што може овој противник, но и кои му се слаби страни. Нема што премногу да се осврнуваме на противникот, треба да ја дигнеме нашата игра на што е можно повисоко ниво, и да постигнеме уште еден добар резултат“ – вели нашиот капитен Матеј Ангелов.