Хетафе заврши со деветмина, Реал како лидер ќе го дочека „Ел Класико“

Фудбалерите на Реал Мадрид го победија Хетафе како гости со минимален 0-1, во деветтото коло од Ла Лига.
„Кралскиот клуб“ успеа да ја задржи лидерската позиција пред „Ел Класико“, која ја држи со 24 бода, два повеќе од Барселона. Сè беше решено во последните 15 минути, кога системот на Хетафе се распадна, а Килијан Мбапе стана херој на гостите
Иако, тој епитет можеше да го носи и Винисиус, кој успеа да изнуди два црвени картони од играчите на Хетафе за само седум минути.
За првиот ќе се полемизира во Шпанија, но судијата не ја смени одлуката. Ветеранот, Алан Нијом доби директен црвен картон помалку од една минута откако влезе во игра поради старт врз Бразилецот. Тоа беше во 77. минута, а веќе во 80. минута, Мбапе ја избегна офсајд стапицата и ја искористи асистенцијата на Арда Гулер.
Самоуништувањето на Хетафе го комплетираше Алекс Санкрис во 84. минута, кога заработи втор жолт картон, исто така поради старт врз Винисиус.
Домашниот тим, со двајца играчи помалку во судиското продолжение, речиси успеа да израмни, но Тибо Куртоа го собори голманот на Абу Камара.