Маратонот против Маџари со „хепиенд“ за Пелистер

Пелистер ја забележа и третата победа во низа од стартот на Супер-лигата, многу потешко од очекувањата откако битолчани по голема битка славеа над Маџари со 101-90. Конечниот триумф делува убедливо, но беше извојуван по маратонска битка и две продолженија, за на крајот да биде скршен отпорот на гостинскиот состав и „пелистерци“ да го задржат стопроцентниот ефект од стартот на сезоната во македонскиот шампионат.
„Пелистерци“ заспани влегоа во мечот, па гостите од Скопје набрзина стигнаа до водство од 0-8. Митревски ги постигна првите поени за битолчани, но по серијата од три реализации на Хот тимот на Маџари поведе со 5-15. Тајмаутот на Даскаловски за момент го разбуди Пелистер, следеше серија од осум поени на битолскиот тим, но по тајмаутот што следеше од гостинскиот тренер Маџари повторно влезе во ритам и ја заврши четвртината со 14-25, со тројката на Хот.
Гостите стигнаа и д 14-27 на самиот старт од втората четвртина, Стајиќ и Прајс погодија во серија, но Пелистер се мачеше да се врати во мечот, па тренерот Даскаловски беше принуден да побара нов тајмаут при 25-36 (15. Минута). Прајс погоди уште една тројка, но проблемите на Пелистер продолжија и битолчани заминаа на одмор со двоцифрена негатива од 33-45.
Пелистер подобро го отвори второто полувреме, експресно намалувајќи на 40-46, а потоа и не користејќи два напади за целосно враќање во мечот. „Зелено-белите“ продолжија со далеку подобра игра отколку во првиот дел, намалувајќи и на 51-54, а потоа и на 53-54 по положувањето на Лука Стојановски, по што гостинскиот тренер побара тајмаут. Крстевски од контранапад донесе прво водство на Пелистер на мечот (30. Минута, 59-58), резултат со кој воедно се влезе и во последната четвртина.
„Пелистеци“ набрзина поведоа и со 64-59, но Маџари не се предаде и израмни на 64-64. Повторно дојде до криза во играта на домашниот тим, што гостите од Скопје го искористија за да поведат и во последните три минути да влезат со водсво од 67-71. Стајиќ постигна важна тројка за Пелистер, а потоа по серијата грешки на двете страни Миревски донесе израмнување од 73-73 на една минута до крајот. Двата тима беа непрецизни во завршната минута, па победникот мораше да биде решен со продолжение.
Пелистер беше на чекор до победа водејќи со 83-79 на помалку од 30 секунди до крајот, н гостите постигнаа пет поени за помалку од десет секунди, па „зелено-белите“ од линијата за слободни фрлања преку Дејвис се изборија и за второ продолжение. Отпорот на гостите конечно беше скршен во второто продолжение што беше отворено со серија од 7-0, трасирајќи си го патот до победата изразена со конечните 101-90.
Прајс беше прв стрелец на Пелистер и на овој меч постигнувајќи 24 поени, Вилсон имаше дабл-дабл од 17 поени и 14 скокови, Стајиќ имаше 16 поени, а Брејси Дејвис дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови.
Пеколниот ритам на натпревари на Пелистер продолжува веќе в недела, со новиот домашен меч од Супер-лигата во кој за противник ќе го имаме тимот на Феникс.