Шампионски дуел во Дубаи: Сабаленка ќе се сретне со Кирјос на крајот од годината

Арина Сабаленка ќе игра против Австралиецот Ник Кирјос. Станува збор за новото поглавје од „Војната на половите“ што ќе се одржи на 28 декември во арената „Кока-кола“ во Дубаи.

Помина повеќе од половина век од првата таква средба, сè уште најгледана и најатрактивна, кога Били Џин Кинг го победи Боби Ригс во Хјустон во 1970 година пред повеќе од 30.000 луѓе. Дури околу 50 милиони го гледале тој натпревар на телевизија во Америка и околу 90 милиони низ целиот свет.

Ригс се сметал за најдобар тенисер во светот во текот на четириесеттите години од минатиот век, но во времето на натпреварот имал 55 години, додека Кинг имал 29 години и била најдобра во светот во тоа време.

„Имам голема почит кон Били Џин и кон сè што таа направила за женскиот тенис – рече Сабаленка. – Среќна сум што го претставувам женскиот тенис и што сум учесник во модерната „Битка на половите“.

Најдобрата тенисерка во светот, исто така, истакна дека е задоволна од местото на одржување:

„Дубаи е мој дом и овој град ги сака спектаклите. Имам голема почит кон Ник и кон неговиот талент, но подготвена сум да одиграм најдобро што можам во овој натпревар.

За разлика од Сабаленка, Кирјос е далеку од својата најдобра игра. Поради повреда на зглобот, тој речиси и не играл во последните три години.

Кога светскиот број 1 ве предизвикува, не одбивате. Имам голема почит кон Арина, таа е многу силна и вистински шампион. Но, никогаш не се повлеков од ниту еден предизвик“, кажа Австралиецот.